Заев: На изборните листи СДСМ ќе има 50 отсто жени

17

Владејачката СДСМ на следните избори ќе има целосна родова еднаквост, на листите 50 отсто од кандидатите ќе бидат жени.

Ова го најави лидерот на социјалдемократите Зоран Заев, кој се обрати на настанот за одбележување на јубилејот од 20 години Форум на жени на СДСМ.

– Ние сме предводници и на концептот 50-50 на застапници на жените во политиката, не како бројка, туку како суштина, како квалитет. И кога, ако не денеска, да кажам дека ме имате на ваша страна. На следните изборни листи СДСМ ќе има 50-50, целосна еднаквост – обелодени Заев во неговото обраќање, по што беше поздравен со стоечки овации од неговите сопартијки присутни на настанот во МОБ.

Заев порача дека не е доволно тоа да го има само во СДСМ, како и дека е потребно целосно спроведување на Инстанбулската конвенција, да има повеќе жени на раководни позиции итн.

На крајот од неговиот говор, тој се поткачи пред видео-бимот на сцената и правеше селфи со неговите сопартијки.

Пред него, се обрати и потпретседателката на СДСМ и вицепремиерка Радмила Шекеринска. Таа, меѓудрогото, порача дека Македонија влегува во НАТО со жена министерката за одбрана.

– Храброста беше неопходна кога пред само три години свртивме нов лист во историјата на нашата земја. Бевте со нас. Бевме на улици и по плоштади. Бевме на удар и под постојан притисок. Бевме храбри и донесовме промени. Жени и мажи, заедно! Без тој усех немаше да биде можен државниот успех денес. Промените бараа храброст и претходно! Кога ја водевме битката за првата квота за жени во Македонија. Успеавме. Кога ја водевме следната битка. Тој успех никогаш немаше да биде можен државниот успех – рече Шекеринска.

Координаторката на Форумот на жени на СДСМ Снежана Калеска Ванчева истакна дека жените-социјалдемократки сакаат општество во кое рамноправно, без дискриминација ќе се креираат сите политики и ќе се обезбеди безбедно хумано општество на насмеани лица.

– Во годините кога во земјата почнаа да се уназадуваат правата на жените, Клубот на жени на СДСМ, беше предводник на борбата за унапредување на положбата на жените, застанавме во одбрана на правото на жената да одлучува за своето потомство и за своето тело. Тоа го иправивме кога дојдовме на власт – нагласи Калеска Ванчева.

Таа, обраќајки им се на жените на трибината, рече дека тие секојдневно мора да се бранат од различна пропаганда, во која првично се суди на изгледот на жената, а потоа на суштината.

– Бевме, сме и ќе останеме лидерки, двигателки на сите демократски промени во општеството и ќе се движиме се побрзо кон целта, зошто не сме сами, чекориме по патот на еднаквоста, заедно – заклучи Калеска Ванчева.