Заев: Нема услови за избори, барам да се воведе вонредна состојба

16

Здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена, и за нас секогаш се на прво место. На лидерската средба го споделивме ставот дека нема услови за нормално спроведување на избори и сите наши капацитети ги ставаме во функција на заштита на здравјето на граѓаните и борба со коронавирусот, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев по денешната лидерска средба.

„На оваа средба ја отворив и потребата од воведување вонредна состојба“ рече Заев. „Воведувањето вонредна состојба е неопходно за да може уште побрзо да се донесат мерки, особено заради здравствената состојба на граѓаните, но и за воведување на потребните економски мерки.“

„Апелирам до сите граѓани сериозно да ја сфатат ситуацијата и доследно да ги почитуваат сите мерки“, рече Заев и додаде дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски на лидерската средба бил против воведување вонредна состојба.

„ВМРО-ДПМНЕ, преку претседателот Христијан Мицковски, не се согласува со воведување на вонредна состојба, тие мислат дека треба да се воведе кризна состојба. Аргументациите за кризна состојба секогаш постојат, но Уставот пропишал воена и вонредна состојба“, рече Заев.