Заев не кажува дали е точно дека СДСМ и ДУИ ќе имаат заеднички кандидат за Скопје

19

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, не открива дали е точно дека со коалицискиот партнер ДУИ ќе имаат заеднички кандидат, етнички Албанец, за градоначалник на Скопје. Тој вели дека интегративците во сабота имаат да соопштат убава вест која е модерна, но не откри детали.

„ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава затоа што е целосно во корелација во работењето на Владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Јас ќе оставам ДУИ да соопшти затоа што тоа е нивна агенда, нормално споделена со нас. Ќе ги препознаете голем број од државните политики како биле вградени согласно новата агенда која ја има ДУИ. Јас верувам сето тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент во државата. Еве ние во СДСМ направивме сериозни промени, непосредни избори 50 проценти жени и мажи, поголема застапеност на младите итн. А тоа ДУИ што го прави навистина е освежување и убава новина ама секако тоа е право на ДУИ да го соопшти“, изјави Заев.

Ваквите информации се појавија во дел од медиумите откако интегративците соопштија дека на 5 јуни (сабота) имаат големо изненадување, но не открија детали.

Денеска, Заев не откри ниту на дополнително прашање од новинарите кои го потсетија дека претходно изјавуваше дека Петре Шилегов му е еден од неговите фаворити за Град Скопје.

„Да не шпекулираме порано, ќе се пушти теза која е неточна или точна па на неа сите даваме шлагче, црешна или слично и правиме торта. Нема потреба од тоа. Еве сабота е преку еден, ќе биде соопштено и ќе видите дека е нешто добро за државата“, рече Заев.

Шилегов веќе искажа амбиција за втор мандат и најави дека ќе бара поддршка од Заев. Во 2017 тој беше заеднички кандидат на СДСМ и ДУИ и ја однесе победата во првиот круг од локалните избори.

За потсетување, на ланските парламентарни избори, ДУИ водеше кампања и за прв премиер Албанец.