Заев: Од медиумите прочитав дека Рашковски има дозвола да оди на лекар

6

Дел од медиумите вчера објавија фотографија на која се гледа Рашковски како се движи по улица во Општина Аеродром
Премиерот Зоран Заев вели дена не знае зошто ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е виден како се движи надвор од домот додека е во куќен притвор и нагласува дека информацијата која ја има е од медиумите, а тоа е дека има дозвола од суд за да оди на лекар.

„Соопштија правосудните органи и МВР дека Рашковски има дозвола од суд во точен период кога да оди на лекар. Тоа го прочитав од медиумите, значи ниту знам јас зошто е виден да оди слободно или не. Знам дека има точно предвидено со решение на судот кога оди на лекар заради здравствени потреби, точно колку пати во неделата, кој дел од денот итн. “, вели Заев.

Дел од медиумите вчера објавија фотографија на која се гледа Рашковски како се движи по улица во Општина Аеродром, а од МВР во одговор за порталот „Информакс“ соопштија дека поранешниот генерален секретар има дозвола од Основниот кривичен суд во Скопје во точен период од денот да се оддалечи од домот за да оди да добие здравствена услуга.

Рашковски се наоѓа во куќен притвор како осомничен во истрага за набавка на софтвер во периодот додека беше генерален секретар. Тој на оваа функција беше во периодот од 2017 до 2020. На почетокот на март годинава, „360 степени“ објави сторија дека Драги Рашковски како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци кој ниту некој му го барал ниту, пак, некој го користи. Министерството за внатрешни работи, кое единствено може да казнува во сообраќајот, беше децидно дека не побарале такво нешто од Рашковски ниту имаат намера да го користат тоа што го купил.

Дополнителните новинарски истражувања на „360 степени“ покажаа дека софтверот купен за околу 81 000 евра, всушност, во многу наликува на патент кој Драги Рашковски како иноватор го регистрирал во Државниот завод за индустриска сопственост. Понатаму, откривме и дека софтверот бил платен непосредно пред изборите на 15 јули уште пред да биде тестиран, иако според тендерската документација требало да биде обратно – прво успешен тест, па потоа плаќање.

На новинарските истражувања реагираше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое отвори предистражна постапка на 18 март. По еден месец предистрага, на 16 април Рашковски беше задржан, а против него Обвинителството отвори истражна постапка. Обвинителството бараше затворски притвор, но првично Рашковски доби куќен притвор од Кривичниот суд во Скопје. Дури во втор степен беше одобрено барањето на ОЈО за гонење на организиран криминал Рашковски да се брани од Шутка, поради опасност од влијание врз сведоци.

По речиси еден месец поминати во притвор, Обвинителството кое го води Вилма Русковска отвори уште една истрага против Драги Рашковски. Во своето соопштение до јавноста тие кажаа дека станува збор за уште еден тендер додека бил генерален секретар, но не понудија многу детали. По „трошките“ од соопштението, „360 степени“ откри дека станува збор за јавна набавка на „систем за биометриска идентификација“ со државни пари во 2019 година. Како и во првиот случај, овој систем никој не го барал од Рашковски, никој не го користи ниту, пак, знае каде е. И повторно, тоа што Рашковски го купил како генерален секретар во 2019 година веќе го имал патентирано како изум, овој пат во 2013 година.

Обвинителството сепак не застана таму, туку го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.