Заев: Предлог-преговарачката рамка е уште едно признание за македонскиот јазик

14

Вчерашниот ден беше уште една важна и историска епизода во нашето движење кон членството во ЕУ, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по повод усвојувањето на предлог-преговарачката рамка од страна на Европската комисија (ЕК).

„Стигна и веста во предлог-рамката за нашите преговори со ЕУ, македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на ЕУ. Тоа го сметаме за нешто нормално, стандардна работа, бидејќи согласно нашата лична карта во Обединетите Нации и согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски, а ние меѓународната комуникација ја водиме и на македонски јазик. Ова е уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека ’сме го изгубиле јазикот‘ и да престанат да ни ги вреѓаат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го ’северџаннски‘“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Тој ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да го поздрави усвојувањето на предлог-преговарачката рамка, како и веста дека законодавството на ЕУ треба да биде преведено на македонски јазик.

„Беа против интеграцијата во НАТО и ЕУ преку Договорот од Преспа. Беа против Законот за јавно обвинителство кој носи правда. Мицкоски не аплаудираше кога тука во Собранието го усвоивме протоколот за членство во НАТО. Ајде, еве денес, нека се одважат, нека го поздрават овој важен чекор од нашата европска интеграција, нека го поздрават македонскиот јазик“,рече Заев.

Усвоената предлог-преговарачка рамка сега е доставена на разгледување до државите-членки на ЕУ, а лидерот на социјалдемократите очекува веќе наредната недела да започне дискусијата за рамката на експертско ниво, а во периодот пред нас државите-членки да ја усвојат со што и формално ќе може да започнат преговорите. Тој очекува дека тоа ќе се случи во текот на германското претседателство со ЕУ кое започна вчера, а ќе трае до крајот на 2020.

„Големо задоволство ни е што токму вчера, на првиот ден на германското претседателство со ЕУ е утврдена преговарачката рамка како предлог до државите членки. Убедени сме дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Меркел во текот на германското претседателство оваа преговарачка рамка ќе биде усвоена и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членство со прва Меѓувладина конференција отварајќи ги поглавјата од првиот пакет“, рече Заев.

Според него, станува збор за сериозен процес на преговори кој ја носи ЕУ дома со воведување на европски стандарди во сите области, па затоа, смета дека тоа може да го предводи само проевропска и демократска влада на СДСМ и ги побара поддршка од граѓаните на изборите на 15 јули.

Постигнатото досега, Заев го оцени како успех на Владата и институциите предводени од неговата партија и како успех на сите граѓани.