Заев сака да ги продаде: Во каква состојба се Попова Шапка и Ливадишта?

19

Туристичките центри на „Електрани на Северна Македонија“ се на продажба. Ова е јасно од последните најави на премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши, кои потврдија дека се бара инвеститор за ски-центарот на Попова Шапка и автокампот во Ливадиште во форма на превземање или јавно-приватно партнерство, пишува Фактор.

Од Елем Турс, фирмата-ќерка на АД ЕСМ, која стопанисува со овие капацитети, велат дека е логично државата да бара да се ослободи од нив, бидејќи истовремено имаат голем потенцијал, а од друга страна со децении немало инвестициски циклуси во истите. Центарот на Шар Планина поседува два хотели – „Попова Шапка“ и „Славија“ со 200 легла, три ски-лифтови и две жичарници, од кои еден шестосед.

– Редовно имаме контакти со тур-оператори и туристички агенции кои сакаат да сместат гости кај нас, но кога ќе видат дека стандардите не се како што треба за денешни услови, тие се откажуваат. Хотелите се категоризирани само со една, односно две ѕвездички. Тие не можат да се носат со современите текови. Исто и ски-центарот ги нема оние дополнителни содржини кои привлекуваат туристи, како што се топовите за снег. Не може да се постигне висока цена за посетители и апсолутно не одговараат на потенцијалот што го има местото, велат од Елем Турс за „Фактор“.

Кампот во Ливадиште исто така има голем потенцијал, но не е конкурентен, како што велат од таму, од 70-тите години на минатиот век. Поседува плажа, бунгалови, приколки и ресторант.

– Бунгаловите воопшто не се современи, туку од некои поодминати фази во развојот на туризмот и воопшто не се конкурентни на модерните барања за престој во такви објекти. Со оваа понуда и содржини што ги има Ливадиште, добро е и што сезоната трае едвај 40 дена, велат од претпријатието за состојбата на автокампот.

Од таму велат дека требало да се инвестира на секои 5 години за тие да одговорат на модерните времиња, но пропуштени се неколку инвестициски циклуси во низа, а исто така, како што покажало искуството, не очекуваат за брзо време да се најде нов управител кој ќе го извлече максимумот. Велат дека ги поседуваат сите лиценци за работа, но и се работи со загуби, поради што логично е Владата да му ги отстапи на приватен стопанственик.

Елем Турс тврди дека од сиот имот со кој стопанисува, во најдобра состојба е хотелот „Молика“ на Пелистер, додека вилата во Дојран е под закуп од приватник. Основачот го има и ски-центарот Копанки и некои други помали објекти. Во сите овие центри вработените на АД ЕСМ и подружниците (РЕК Битола, РЕК Осломеј, ХЕЦ Маврово и др.), ЕВН Македонија, МЕПСО, ТЕЦ Неготино може да престојуваат под повластени цени.

Заев веќе објави дека државата планира на таков начин да финансира догодина дел од буџетските потреби а во игра за продажба се уште и „Македонски железници Транспорт“, „Македонски пошти“, „Еврокомпозит“, ТЕЦ Неготино и слични ресурси.

Текстот е превземен од Фактор