Заев се сретна со Тимоние пред неговото заминување од Скопје: Макрон гледа капацитети во Македонија за европските интеграции

18

Изразена е заедничка согласност дека конструктивноста од страна на сите политички субјекти е важен фактор во развојот на државата
Заедничка согласност дека конструктивноста од страна на сите политички субјекти е важен фактор во развојот на државата е изразена на денешната средба на премиерот Зоран Заев со Кристиан Тимоние, амбасадор на Франција во нашата држава, кој го завршува својот мандат.

На состанокот, како што соопштија од Владата, е реафирмиран ставот на францускиот претседател Макрон дека Франција гледа капацитети во Северна Македонија за европските интеграции. При тоа е изразена порака нашата држава да го задржи курсот напред на евроатлантскиот пат.

„Покажавме дека имаме капацитети да носиме одлуки со кои државата оди напред. Станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и ја очекуваме меѓувладината седница за отпочнување на преговорите, ја зацврстивме меѓуетничката кохезија дома, ги развиваме и понатаму добрососедските односи, што го покажа посетата на Атина каде што зборувавме за економија и соработка на бизнисите. Сега сме силно посветени на борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото, што е потребно во европските интеграции, но и за нашите граѓани, кои очекуваат да ги обезбедиме европските стандарди дома“,

рече Заев.
Како што соопштија од Владата, разговарано e и за можностите што се пред Северна Македонија и Франција во развојот на билатералната соработка, посебно во економијата, здравството, енергијата и зелената енергија, дигитализацијата. Притоа било констатирано дека има услови за интензивирање на соработката.