Заев: Сè дури постои македонскиот јазик, ќе постојат и Македонците

33

Јазикот сме сите ние. Сè дури постои македонскиот јазик, ќе постојат Македонците. Сè дури постојат Македонците, ќе постои и македонскиот јазик, порача премиерот Зоран Заев на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“ во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Во обраќањето на овој настан, Заев порача дека македонскиот јазик ја докажал својата посебност.

„Денес нашиот македонски јазик е признаен од целиот свет, неговата посебност е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и земји членки на Обединетите нации. Македонскиот јазик се користи слободно секаде и низ целиот свет“, рече Заев.

Тоа е јазикот, нагласи премиерот, на Блаже Коневски, Анте Поповски, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Оливера Николова и многу други, и тој се изучува на 30-ина универзитети.

Заев вели дека Владата, како и досега, ќе остане искрено посветена да го негува македонскиот јазик и нагласи дека досега е објавена бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик на интернет-станицата www.pravopis.mk, 5 мај се одбележува како Ден на македонскиот јазик, а започната е и иницијативата за измени и дополнувања на Законот за македонски јазик.

Тој доби и благодарница за поддршката од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.