Заев: Ќе ја испочитуваме Венецијанската комисија за законот за употребата на јазиците

21

Владата останува на својот заклучок, усвоен пред да се испрати законот до Венецијанската Комисијата, според којшто истиот решение ќе се ревидира согласно препораките, вели премиерот Зоран Заев.

Додава дека Министерството за правда ќе подготви измени на Законот согласно препораките на Комисијата и истите ќе бидат испратени до Собранието.

Премиерот уверува дека ова е став усогласен и со владиниот партнер ДУИ. Но, од партијата на Али Ахмети денеска не сакаат да дадат коментар што по заклучоците. Ахмети пред две недели во пресрет на одлуката на Венецијанската комисија порача дека не треба да се оди назад бидејќи тоа ќе и’ штети на државата.

Вицепремиерот Бујар Османи синоќа по одлуката на Комисијата на Фејсбук го издвои само дел којшто се однесува на двојазичните банкноти, а во кој што се вели дека ваква пракса е воспоставена и во други земји. Според толкувањето на вицепремиерот Комисијата ги омекнала официјалните заклучоци во однос на оние наведени во неофицијалната верзија. Османи за утре закажа брифинг на којшто ќе ги презентира заклучоците на Комисијата за Законот за јазици.

Опозицијата категорична дека Владата мора да ги почитува препораките и дека се потврдиле изнесени забелешки за дел од законските одредби.

„Овој извештај од Венецијанската комисија го потврди она што ВМРО-ДПМНЕ постојано го кажуваше, а тоа е дека вакво законско решение го оптоварува општеството го оптоварува движењето на документи особено во судскиот дел и да биде уште појасно го потврдува она што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше дека ВМРО-ДПМНЕ е за употреба на јазиците но тоа да биде согласно законските норми и она што треба да биде олеснување во комуникацијата низ институциите. Така што тоа што треба да се направи е да се испочитува ставот на Венецијанската комисија гледаме дека тоа предизвикува нетрпеливост внатре во владината коалиција“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Законот за јазици беше усвоен во 2018-та година, а стапи на сила во јануари на годината откако беше објавен без потпис на тогашниот претседателот Иванов во Службен весник. Владата за мислење од Венецијанската комисија го испрати во август годинава.