Заеднички предлог на Берлин и Париз за реформа на ЕУ

5

 

По францускиот предлог за реформа на политиката за проширување на ЕУ, пред земјите-членки е презентиран друг документ, овој пат за преиспитување на функционирањето на целата Унија.

Нацртот „Конференција за иднината на Европа“ е подготвен заеднички од Париз и Берлин, со цел зајакнување на единството и суверенитетот на ЕУ, пренесува порталот „Политико“.

Станува збор за заедничка иницијатива на Франција и Германија во однос на функционирањето на ЕУ и можните неопходни промени кои би можеле да вклучуваат дури и измени во Уставот на ЕУ.

Конференцијата, како што се наведува во документот, би требало да ги опфати сите прашања што би ја насочиле иднината на Европа кон поголемо единство и суверенитет, особено во однос на улогата на ЕУ во светот, безбедноста, соседството, дигитализацијата, моделот на социјална пазарна економија, климатските промени, миграцијата, борбата против нееднаквоста, владеењето на правото и европските вредности.

Иницијативата, според документот во кој увид имал бриселскиот портал „Политико“, се состои од две фази.

Првата фаза би се фокусирала на демократското функционирање на ЕУ, односно прашањето за изборната методологија за клучните позиции на ЕУ, со цел да се премости јазот што постоеше меѓу институциите на ЕУ по годинашните европски избори, при што Европскиот парламент се залагаше за таканаречен „принцип на водечки кандидат“ и жестоко им се спротивстави на лидерите на ЕУ кои на водечките функции на бриселските институцуии, првенствено на Европската комисија, по политичките преговори и „пазари“ поставија личности кои не учествувале во трката за европските избори.

Германско-францускиот предлог по ова прашање оди во насока на разгледување на системот на водечки кандидати, но и транснационалните списоци, за кои уште од почетокот се залагаше францускиот претседател Макрон.

Втората фаза на германско-француската иницијатива во фокус ќе има утврдување на приоритетите во политиката и треба да се заврши во наредните две години.

Документот со две страни не содржи многу детали, но повикува на „Конференција за иднината на Европа“ која има големи амбиции и би ја водел висок претставник на ЕУ со учество на експерти, Европскиот парламент, Европската комисија и Советот.

„Политико“ смета дека овој заеднички документ меѓу Париз и Берлин е начин да се надминат постоечките тензии и несогласувања во ставовите на Франција и Германија.