Захариева: Имаме три услови за да ја одобриме преговарачката рамка за С Македонија

22

За Република Северна Македонија ќе има место во Европската Унија кога ќе биде подготвена. Во овој момент Бугарија не смета дека таа е подготвена, изјави утрово бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за „БНТ њуз“.

Таа вели дека има три работи што Бугарија ги бара, а без кои не може да ја одобри преговарачката рамка.

„Тоа се три главни работи. Придржување кон формулата за јазикот од 99-та, која беше потврдена и во 2017 година. Патоказ за спроведување на Договорот што треба да се набљудува во текот на целиот преговарачки процес и експлицитен текст дека во никаква форма нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија“, изјави Захариева.
Во интервјуто таа порачува дека земја кандидат мора да се придржува и со добра волја да ги спроведува договорите што ги потпишува, а забележува дека има долг список на случаи кога Северна Македонија потпишала нешто со Бугарија, а потоа не го спровела.

Таа вели дека во март се согласиле на одлуката Северна Македонија да започне преговори, но истовремено и дека одлуката на Советот содржи јасни референции и препораки, вметнати на инсистирање на Бугарија, за спроведување на Договорот за добрососедство.

Во однос на денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, рече дека не е состанок на кој се носат одлуки и дека е виртуелен, како и оти нема да се случи нешто поразлично од тоа што се случувало досега и потсети дека досега Бугарија останувала на истите позиции во однос на одобрувањето на преговарачката рамката.