Захариева: Не се раскинати врските на С Македонија со Србија и Русија

23

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева порача дека Скопје не ги раскинало врските со Белград и Москва откако премиерот Зоран Заев најави враќање на српскиот јазик во училиштата.

„Враќањето на српскиот јазик во училиштата во Република Северна Македонија ги побива ставовите дека се прекинати врските со Србија и Русија“, изјавила Захариева за БТВ, пренесува БГНЕС.

Таа посетува и на нејзиниот став дека македонизмот е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва и вели дека не е изненадена од одлуката за јазикот.

„За жал, не сум изненадена од ваквата одлука на македонските власти. Враќањето на српскиот јазик значи дека сите партии во Република Северна Македонија, без оглед на нивните политички разлики се едногласни за ова прашање, како и за темата за односите со Бугарија“, вели Захариева.

Враќањето на српскиот јазик, Заев го најави пред два дена во неговата честитка по повод празникот Свети Сава, Националниот ден на Србите во Северна Македонија.

„Со нашите сограѓани од Србија ги унапредуваме традиционално добрите односи и со Република Србија и во таа насока во Општина Центар се завршени сите претходни постапки за изградба на српски културен центар кој ќе почне да се гради оваа година, истовремено кога во соседна Србија ќе се реализира и идејниот проект за македонскиот културен центар во Белград. Одиме и чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет“, напиша Заев во честитката.