ЗАШТИТЕТЕ СЕ: Детекторот за гас спасува животи

26

По трагедијата во кумановското село Романовце, каде при експлозија на плинска боца загинаа три деца и еден повозрасен човек, а има и три повредени, се советува луѓето да бидат многу внимателни кога ракуваат со гас.

Треба да се води сметка садовите наполнети со гас да не стојат на сонце или до грејни тела. Вентилот треба да биде затворен и по можност да биде свртен кон прозорецот, во случај на истекување на гас да нема фатални последици. Една искра од цигара е доволна за да предизвика експлозија.

„Луѓето можат да си купат детектор за гас, и тој ќе алармира доколку има гас во воздухот, по што откако ќе добијат сигнал дека има истекување, треба да отворат прозорци и да ја проветрат просторијата. Во меѓувреме не треба ништо да се работи, да се почека 10 минути да се проветри. Овие уреди ги има во сите продавници за електроелементи, не се скапи, но луѓето многу често мислат дека кај нив пожар нема да се случи“, вели Ивица Јовановиќ, инженер за заштита од пожари во Општински противпожарен сојуз Куманово.

Детекторот за гас може да спаси животи, и да спречи појава на експлозија и пожар во домот.

Граѓаните купуваат боци и на нив готват, се грејат, а целта е да заштедат. Во многу дуќани боците се користат за загревање на просторот.

Но, случај во Романовце не е изолиран. Претходно, пожари настанати од експлозија на плински боци имаше во Скопје, Гевгелија, Тетово, Битола и други градови.

24-годишното момче почина откако во неговиот стан во Тетово експлодираше плинска боца.

Во Битола при експлозија на плинска боца во рибарница имаше едно лице кое беше полесно повредено.

Годинава и во Кавадарци се запали боца во куќа, при што имаше материјална штета, но немаше повредени. Од противпожарната единица во овој град рекоа дека имале неколку интервенции годинава на запалени боци.

Кон крајот на 2018 година и на почетокот на 2019 година имаше два катастрофални пожари во Скопје и во Гевгелија, во кои загинаа две лица, а кои беа предизвикани од неисправни плински боци. На домашниот пазар често можат да се забележат боци без истакнати технички карактеристики.

Во Куманово денеска е ден на жалост поради трагедијата во Романовце.