За напладне најавено продолжение на конститутивната седница на Собранието, но нема официјална потврда

59

За денеска напладне е закажана собраниската конститутивна седница, на која досегашниот прв човек на Собранието, Талат Џафери, треба да биде резизбран на функцијата, дознава „360 степени“. Но се уште нема потврда дали ова значи дека се надминати недоразбирањата во ДУИ кои беа причина вчера да се одржи ваква седница.

Како што веќе беше објавено, причина е незадоволството во редовите на ДУИ во однос на кадровските решенија на Ахмети за составот на новата Влада. Неофицијално, скопските ограноци на ДУИ од Чаир и Сарај негодувале за кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.

Седницата на Централниот совет на ДУИ што се одржа во вторникот, наводно, ја бојкотирале пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Неизвесно е дали овие недоразбирања се надминати, иако во прилог на овие наводи одеше и денешното нервозно напуштање на Собранието од страна на Арбен Зибери.

Од раководството на ДУИ вчера на одговараа на неколкуте обиди на „360 степени“ да добие потврда или демант на овие наводи.

Вечеравечер, Џафери кој е претседавач, го закажал продолжението за денеска во 12 часот.

Сите пратенички групи неофицијално се известени дека продолжение на седницата би можело да се одржи денеска напладне, но нема официјални информации дали се собрани потписите за избор на претседател на Собранието.

Инаку, според Деловникот на Собранието, кандидат за претседател на законодавниот дом предлага или Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Со оглед на тоа што во текот на вчерашниот ден се собираа потписи за кандидирање на Џафери, одбрана е втората опција.

Но, доколку остане незадоволството во ДУИ, без гласовите на Меџити, Зибери и уште еден пратеник од ДУИ кој бил воздржан, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот на Собранието се избира со 61.