За секој вработен со минимална плата државата ќе дава по 1.197 денари

4

Точно на пладне пред пратениците на собраниската Комисија за труд и социјална политика ќе се најде Предлог-законот за измени и дополнувања на минималната плата. Како што беше ветено во образложението на предлог-законското решение пишува:

„Со членот 4 се утврдува висината на минимална плата во бруто износ за март 2022 година заклучно со исплатата на платата за месец февруари 2023 година да изнесува 26.422 денари и овој износ ќе биде основа за усогласување на минималната плата во месец март 2023 година“.

Во нето-износ, ова значи дека минималната плата ќе биде 18.000 денари и таа ќе важи една година.

Од предлог-законското решение се гледа дека за спроведување на овој закон до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари (15.230.000 евра) од Буџетот на државата. Притоа е објаснето дека за секој работник за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, државата ќе дава по 1.197,00 денари.

„Со член 4-д е предвидено за работникот за кој ќе се обезбеди финансиска помош, работодавачот истиот да не може да го отпушти најмалку 1 година по добивање на помошта, а ако го отпушти има обврска да ги врати средствата, освен во случај на смрт на работникот, остварување на право на пензија и престанок на работниот однос по вина или воља на работникот“, пишува во законското образложение.

Во законот е предвидена и нова методологија за усогласување на плати, според која усогласувањето ќе биде 50 отсто од минималната плата и ќе се индексира со порастот на просечно исплатената нето плата за претходната година и 50 проценти со порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Исто така е утврдено дека минималната плата не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

Според досегашната методологија растот на минималната плата се пресметуваше така што една третина од платата се индексираше со растот на просечната плата, една третина со порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.