За 13,3% повеќе починати од ковид од претходната недела, в болница се 82 болни

11

Моментално, во земјава в болница се 82 болни од ковид-19, што е за 24,8 отсто помалку во споредба со претходната недела. Од нив, 33 се на кислородна поддршка или 32,7% помалку, а само едно лице е на механичка вентилација што е за 66,7% помалку во споредба со претходната седмица, се вели во неделниот извештај на Инстутутот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 21 до 27 март годинава.

Во овој период се тестирани 16.074 лица, со зголемување од 2,9% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.696 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, со намалување од 7,5% . Процентот на позитивност се движи околу десет отсто. Регистрирани се 268 реинфекции, со намалување од 13,3 проценти. Најголем дел од новозаболените случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и Скопје.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена се оние над 60 години, а во најмал број децата до деветгодишна возраст. Кај сите останати возрасни групи се забележува намалување на заболени лица.

Сепак, кај смртноста има благо покачување. Пријавени се 17 смртни случаи во осум градови што е за 13,3% повеќе во однос на претходната недела. Оздравени се 1.738 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

И натаму доминатни се BA.1 и ВА.2 сублинијата на омикрон. Од појавата на пандемијата до денес, во земјава вкупно заболеле 305.114 лица, најмногу во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци. Највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци и Скопје. Највисок морталитет во Охрид, Прилеп и Кавадарци. Највисок леталитет во Струга и Крива Паланка.

Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 24 градови, со најголемо намалување во Крива Паланка и Македонска Каменица. Зголемување се забележува во Делчево, Валандово, Пехчево, Берово, Богданци, Охрид, Кочани, Кавадарци, Радовиш и Битола, додека состојбата останува непроменета во Струмица и Македонски Брод.

Во изминатите две години од ковид-19 починаа 9.208 лица, а настанаа 11.702 реинфекции. Од реинфекциите, 19 завршија со смртен исход. Регистрирани се 9 смртни случаи кај бремени жени и 37 кај здравствени работници.

Изминатата недела се аплицирани 2.789 дози вакцина, од тоа 221 прва, 285 втора и 2.283 трета доза. Со една доза на вакцина против коронавирусот вакцинирани се 42,2% од населението во земјава, до две дози 41,2 проценти.