За 3 дена во Србија вакцинирани 22.000 странци: Не доаѓајте незакажано

16

Директорот на Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација на Владата на Србија, Михаило Јовановиќ, објави дека повеќе од 22.000 странски државјани биле вакцинирани во Србија за три дена (25, 27 и 28 март). Јовановиќ за Радио Телевизија на Србија (РТС) изјави дека тие дошле на покана на Српската стопанска комора или се пријавиле преку порталот за е-Влада и дека вакцината ја примиле од шведско-британскиот производител АстраЗенека.

Вакцинацијата на странски државјани беше организирана викендов на пунктовите за масовна имунизација во Белград и Ниш.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Шадеш, рече дека 8.500 бизнисмени од регионот биле вакцинирани за време на викендот, а вакцинацијата ќе продолжи и денес и утре (29 и 30 март).

Претседателот на Српската стопанска комора претходно изјави дека најголем одговор имале деловни луѓе од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

Директорот на владината канцеларија за информатички технологии и електронска администрација, Михаило Јовановиќ, изјави дека во саботата на 27 март се создадени редици за вакцинација, бидејќи странските граѓани кои добиле повик за одреден временски период се собрале сите во исто време во утрото. Јовановиќ истиот ден апелираше до граѓаните на соседните земји кои не добиле покана да не одат во Србија, туку прво да се пријават преку порталот за е-влада и да чекаат да бидат поканети.

Македонија во среда ќе почне со поголема имунизација, откако вчера доби 24 илјади вакцини АстраЗенека преку КОВАКС механизмот. Во Македонија до сега е вакциниран само дел од медицинските лица.