Здравство: Вчера се аплицирани рекордни речиси 20 000 дози вакцини

4

Вакцинацијата урива рекорди, вчера се аплицирани скоро 20.000 дози вакцини против ковид-19, соопшти Министерството за здравство повикувајќи ги сите граѓани да се вакцинираат бидејќи само така ќе успееме да го победиме вирусот.

Според деталните податоци, вчера се вакцинирале точно 19 274 граѓани од кои 6 385 примиле прва доза, додека другите се ревакцинирале.

Со овие статистики, вкупната бројка на вакцинирани во државата се искачи на 481 268 лица од кои 318 900 се ревакцинирани.

„Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено: 62% од населението над 70 години, 59% од населението над 65 години, 54% од населението над 60 години и 44% од населението над 50 години“, велат од Министерството за здравство.

Вакцинацијата се одвива без закажан термин во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи низ земјава, а паралелно се одвива и теренската вакцинација во руралните средини на тој начин што медицински екипи ротираат низ селата, населените места и останатите рурални населби.

Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.

Во спортските сали, пак, се врши само ревакцинација.