Зеленски: Русија планира долга кампања на напади со беспилотни летала

3

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија планира долга кампања на напади со ирански беспилотни летата, како одмазда за украинските напади врз неколку руски воени бази и складишта во Украина. Руската армија во првите денови од новата година ги интензивираше воздушните и ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина. Зеленски тврди дека само на први и втори јануари биле соборени дури 80 руски беспилотни летала од иранско производство.

Украинската армија тврди дека при нападите во Макивка, Федоривка и Чулаковка во регионот Херсон, убиле и раниле околу 500 руски војници. Портпаролот Андриј Ковалев рече дека е нанесена огромна штета врз војниците и воената опрема на непријателот.

Нападите беа потврдени и од Москва, која го оспори украинското тврдење соопштувајќи дека во Макивка загинале 63 војници. Русија речиси никогаш официјално не соопштува податоци за загуби на бојните полиња во Украина, но ова, според западните разузнавачки агенции се пресериозни загуби и нивното премолчување едноставно не било опција.

Нападот предизвика жестоки критики против генералштабот на армијата во Русија, како од безбедносни експерти, така и од пратениците во руската Дума, кои побараа одговорност од непромислените команданти кои дозволиле концентрација на поголем број војници во небезбеден објект, до кој имало складирано и муниција.