Зеленски: Руските сили го уништија градот Бахмут на истокот на Украина

9

Киев, 10 декември 2022 (МИА)  Руските сили го уништија градот Бахмут на истокот на Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски, а украинската армија тврди дека Русија продолжува со воздушните напади во неколку делови на земјата.

Како што јавуваат странските агенции, битката сè уште е фокусирана на четирите региони претходно анектирани од Русија.

Зеленски рече дека ситуацијата „и натаму е многу тешка“ во неколку градови на фронтот во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.

„Бахмут, Соледар, Марјинка, Кремина. Одамна нема повеќе живот на земјата во овие области оштетени од гранати и оган. Окупаторот го уништи Бахмут, уште еден град кој руската армија го претвори во изгорени урнатини“, рече Зеленски во своето видео обраќање.

Генералштабот на Украина соопшти дека во текот на ноќта имало околу 20 воздушни и повеќе од 60 ракетни напади низ Украина.

Портпаролот Олександр Штупун рече дека најактивните борби се воделе во областа Бахмут, каде биле погодени повеќе од 20 населени места.