Зеленски: Украина има сознанија за илјадници исчезнати луѓе

9

Москва нема да ја избегне одговорноста за големиот број Украинци убиени во војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа, при своето полноќно видео обраќање, пренесува ДПА.

– Веќе имаме сознанија за илјадници исчезнати луѓе, рече тој во обраќањето објавено на Телеграм.

Украинскиот претседател појасни дека има само две можности за тоа што се случило со исчезнатите лица – или биле депортирани во Русија или се убиени.

Зеленски вели дека Москва ја променила својата тактика по осудата од меѓународната заедница по објавувањето на фотографиите од Буча, каде што беа пронајдени стотици тела на цивили по повлекувањето на руските трупи.

– Москва сега се обидува да ги отстрани телата на убиените во областите окупирани од руските војници од улиците и подрумите, но истраги, сведоци и сателитски снимки ќе се користат за да се утврдат околностите на исчезнувањата, рече Зеленски.

Тој оцени дека Москва во меѓувреме продолжува да ја гради борбената моќ за да ги оствари своите амбиции во Донбас, на истокот на Украина, каде руските единици се подготвуваат да продолжат со офанзивите.

Владата во Киев ги повика луѓето во Луганск, Доњецк и Харков да избегаат на побезбедни места.

Зеленски рече дека додека Русија не почне сериозно да посакува мир, Украина „ќе се бори и нема да се повлече”.