Земотресот во Хрватска откри голема афера, отворена истрага за обновата на куќите по војната

37

Разорниот земјотрес кој ја погоди Петриња и Глина покажа една од најголемите афери во Хрватска – сомнителна државна обнова на куќите по војната. Сега Бирото за сузбување корупција и организиран криминал (УСКОК) покрена истрага.

Во земјотресот се срушија многу стари објекти, но и оние куќи кои државата ги обнови по војната, односно по 1995 година. Рушевините на тие куќи покажаа потенцијален криминал на изведувачите на работите и оние кои беа задолжени за обнова, а земјотресот освен работа за итните служби, отвори работа и за институциите на гонење.

На почетокот граѓаните се прашуваа како е можно куќи стари дваесетина години да бидат потполно срушени, но на многумина им стана појасно подоцна кога ги погледнаа урнатините и видоа дека на многу куќи им фали арматура.

Жупанот Иво Жиниќ, кој и во моментот е на чело на Сисачко-мословинската жупанија, беше задолжен за обнова на тоа подрачје во 1995 година. За неговата потенцијална вина политичарите не сакаат да зборуваат, но порачаа дека ќе биде побарана одговорност за ваквото градење.

„Ќе има истрага за обновувањето на куќите по војната, кои се срушија во земјотресот“, изјави министерот за градежништво Дарко Хорват.

УСКОК покрена истрага за наводите дека имало проневерување на материјали во текот на последната обвнова на објектите, односно од полицијата побара итно спроведување истрага за да се утврдат наводните незаконски работи, пренесуваат хрватските медиуми.

Сега ќе треба да се утврди колку во изведувањето на градежните работи се следеле проектите, како се надзирало тоа. Стручњаците велат дека според она што го виделе на фотографиите, ниту е градено по правилата на струката, ниту се следени проектите.