Земјата му гори, а австралискиот премиер се одмара на Хаваи

7

Австралискиот премиер Скот Морисон се извини затоа што отишол на семеен одмор на Хаваи додека критичната ситуација со пожарите во Австралија дополнително се влошува.

Противпожарните екипи се борат со повеќе од 100 пожари во време кога земјата е погодена со рекордна топлина, и во последните денови се евидентирани два температурни рекорди досега регистрирани во земјата.

Покрај тоа, двајца пожарникари загинаа вчера во несреќа, додека оделе на задача распоредени на пожар во близина на Сиднеј.

Морисон најави дека порано ќе си дојде од одмор, додека неговото отсуство неделава предизвика осуди и протести во земјата.

„Длабоко жалам доколку со мојот семеен одмор, повредив било кој од многуте Австралијци погодени од страшните пожари“, рече денес Морисон.

Пожарите кои хараат во Австралија од септември предизвикаа смрт на осум лица, уништија повеќе од 700 домови и изгореа милиони хектари земја.

Откако се појавија извештаи дека премиерот заминал на ненајавен одмор на Хаваите, овој потег предизвика бројни критики, при што гневот растеше со рекордниот пораст на температурите и ширењето на пожарите кои стана уште поголем предизвик за уморните пожарникари, од кои многумина се волонтери.

Министрите во владата го бранеа заминувањето на Морисон, но одбија да кажат каде се наоѓа, како и неговата канцеларија, која негираше дека е на Хаваи.

Денес самиот премиер за радио 2ГБ потврди дека е на Хаваите со семејството, додавајќи дека добивал редовни извештаи за пожарите, како и за несреќата на Нов Зеланд, кога во вулканска ерупција 11 Австралијци ги загубија животите.

„Со последните трагични настани, се враќам во Сиднеј штом ќе можам тоа да го организирам“, рече премиерот во изјавата што ја пренесе Би-би-си.

Ваквата најава следеше по објавата на противпожарната служба за трагичната смрт на двајца пожарникари, 32-годишниот Џефри Китон и 36-годишниот Ендрју О’Двајер, кои загинаа во четвртокот вечер кога врз нивното противпожарно возило во близина на фронтот на пожарот паднало дрво и излетале од патот.

Австралиската влада и покрај пожарите кои пламтат одбива да зборува за климатските промени, што исто така предизвикува протести кај луѓето.

Австралија е на мета на меѓународните критики поради односот кон климата, а Обединетите нации утврдија дека Австралија е меѓу ретките земји на Г-20 кои не успеја да ги исполнат своите ветувања за намалување на емисиите на штетните гасови.

Премиерот Морисон тврди дека земјата учествувала само со 1,3 посто во емисиите на штетните гасови. Меѓутоа Австралија е една од најголемите загадувачи со јаглерод по глава на жител, што во голема мерка се должи на фактот дека во енергетиката воглавно се потпира на јагленот.