Земјите од регионот ги заоструваат ковид-рестрикциите

9

Во регионот се влошува состојбата со ковид-19, а земјите бележат континуиран пораст на бројот на новозаразени.

Словенечката Влада, во обид да го ограничи брзиот раст на епидемијата, синоќа донесе голем број нови рестриктивни мерки, но не се одлучи за заклучување, како што препорачаа некои експерти од здравството, чии капацитети за ковид-пациентите се на работ на издржливост.

Новите мерки стапуваат на сила од утре, а меѓудругото опфаќаат скратување на работното време на кафеаните и забрана за собирање луѓе кои не се членови на исто домаќинство.

Возрасната граница за лицата кои мора да имаат сертификати (прележани, вакцинирани, тестирани) е намалена од претходните 15 на 12 години, а потврдите за ковид-19 ќе се сметаат за валидни само со идентификација со личен документ.

Угостителските објекти ќе можат да работат, при што нивното работно време ќе биде скратено, а гостите ќе смеат да бидат послужени само на маси и на соодветно растојание. До ново известување, сите ноќни клубови и дискотеки се затворени, на јавните културни и спортски настани посетителите мора да бидат на седишта со соодветно растојание, а условот за сертификатите и маските се задолжителни за присуство на верски церемонии како и растојанието меѓу верниците.

Владата не се определи за онлајн настава во училиштата, но наложи од понеделник, 15 ноември, учениците да се тестираат за коронавирус три пати место двапати неделно, како што беше досега.

Нови мерки стапија на сила и во Грција, каде сертификатот за вакцинација, потврдата за прележаните и негативен тест за невакцинираните, заедно со документ за лична идентификација, станува задолжителен за влез во речиси сите затворени простори во Грција. Исклучок се маркетите и продавниците за храна, аптеките, бензинските пумпи и црквите.

Сите невакцинирани вработени во јавниот и приватниот сектор задолжително ќе треба да се тестираат два пати неделно.