Зидан: Си заминав од Реал Мадрид, бидејќи ја немав подршката од клубот

28

Зинедин Зидан разочаран си замине од Реал Мадрид по завршувањето на оваа сезона. Тој побара раскин на договорот со „кралевите“, а одлучи преку отворено писмо до навивачите да ги објасни причините за неговиот потег.

Французинот е длабоко поврзан со Реал Мадрид, чиј член е речиси 20 години, прво како играч, потоа како тренер во младинските категории, а потоа и како прв тренер кој на клубот му донесе три титули во Лигата на шампиони и две во Ла Лига.

Сепак иако е клупска легенда, Зидан чувствувал дека нема подршка од претседателот Флорентино Перез изминатава сезона, особено поради намерно објавувани приказни во медиумите за негов отказ во текот на сезоната.

„Решив да го напуштам Реал Мадрид и сакам вистински да ги објаснам причините за тоа. Не го напуштам ‘бродот што тоне’, ниту пак сум уморен од тренинзи. Во 2018 година си заминав по две ипол години, по многу победи, сметав дека на тимот му е потребен нов пристап за да остане на највисоко ниво. Моментално, работите се многу поинакви. Си одам, бидејќи клубот повеќе нема доверба во мене, која ми е потребна, ниту пак ми дава подршка за да изградиме нешто на средни и долги патеки.

Го разбирам фудбалот и ги знам целите на Реал Мадрид. Знам дека кога не победувате, морате да си одите. Но со ова, се заборава и една многу важна работа, сето она што го изградив работејќи секој ден се заборава, она што го донесов со мојот однос со играчите, со 150-те луѓе со кои работат со тимот и околу него. Јас сум роден победник и бев во Реал за да освојувам титули, но поважно од сето тоа се луѓето, нивните чувства, животот и имам чувство дека овие работи воопшто не се земени во предвид.

Сакам да има почит помеѓу мене и клубот заради сето она што го постигнавме заедно. Сакав мојот однос со претседателот (Флорентино Перез) сакав да биде малку поинаков. Не барав привилегии. Тренерите во денешниот фудбал ретко остануваат повеќе од две години на клупата во еден клуб.

За да трае повеќе потребни се вистински човечки односи, поважни се од парите, славата, односно тие се најважни од сè друго. Затоа ме повредија написите во медиумите после секој наш пораз дека ќе бидам отпуштен. Ме повреди мене, но и целиот тим, бидејќи овие намерно испратени пораки во медиумите влијаеа негативно врз тимот, креираа недоверба и несигурност меѓу играчите.

За среќа имав неверојатна група на играчи, кои ме спасуваа со секоја нова голема победа, бидејќи тие веруваа во мене и јас во нив. Секако дека не сум најдобриот тренер на светот, но спосбен сум да им дадам на сите доверба да си ја работат својата работа, без разлика дали се работи за играч, тренер или некој друг вработен во клубот“, напиша Зидан во писмото до навивачите на Реал Мадрид на кои им се заблагодари за огромната подршка изминативе години.