Ибрахимовиќ: Престанавме да играме, престанавме да веруваме…

2

Милан прокоцка предност од два гола и на крајот претрпе пораз на градското дерби со Интер, пропуштајќи можност да се приближи кон врвот на табелата и да се вмеша во борбата за излез во Европа. Златан Ибрахимовиќ важи за „роден победник“, тој го предводеше тимот до предност од 0-2 по првиот дел, но ниту шведскиот ас немаше објаснување што им се случи на „росонерите“ во второто полувреме од синоќешниот натпревар.

„Тешко е да се објасни, одигравме речиси перфектно прво полувреме, водевме со 2-0 и не му дозволивме на противникот да влезе во ритам. На паузата зборувавме, се договоривме дека најважно е да останеме сконцентрираме во првите 15 минути од вториот дел, а потоа наивно примивме два гола. Престанавме да играме, да веруваме во себе, престанавме да играме пресинг, не се додававме доволно наоколу. По вториот гол на Интер претрпевме целосен колапс. Штета бидејќи очекував многу повеќе од противникот, Интер не ми личеше на тим што е второпласиран на табелата, но успеа да се врати и да ја казни нашата слабост во продолжението“, изјави Ибрахимовиќ.

Милан по овој пораз остана на делба од осмото до десеттото место со Парма и со Калјари, со по 32 бода на своето салдо.