Ивановска: ДКСК собира податоци за случајот со кинеските вакцини, треба да се вклучи и ЈО

6

Антикорупциската комисија на денешниот колегиум донела одлука со која ќе почнат постапка на прибирање на податоци и информации за да утврдат кои се основите за постапување на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во случајот со постапката за набавка на вакцини од кинескиот производител Синофарм.

„Според мене во оваа ситуација треба да се вклучат и другите органи како Јавното обвинителство. Ние се договоривме да собереме доволно информации да ги разгледаме околностите и потоа ќе одлучиме како ќе постапуваме понатаму во зависност од тоа што ќе добиеме како информација“, изјави за РСЕ претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

Ивановска претходно во интервју за ТВ24 рече дека во ДКСК биле изненадени од „информациите дека постоел неорганизиран процес за набавка на вакцините“.

„Не изненадија информациите дека постоел неорганизиран процес за набавка на вакцините, ризикот за корупција доаѓаат на високо ниво. Се набавува од приватни фирми. Можеби најдобри биле намерите, но се нарушува довербата на граѓаните во институциите. Има работа и за Антикорупциска, но и за Обвинителството“, рече Ивановска.

Италијанскиот весник „Ла Верита“ вчера објави дека Кина ѝ го вратила авансот на Македонија за кинеските вакцини, бидејќи „набавката требало да се одвива преку фантом посредничка фирма, со седиште во Хонг Конг, која немала стабилно темели, но имала големи финансиски депозити во германската Дојче Банк“. Истиот весник денеска ги објавува, како што тврди, „писмата од министерот за здравство Венко Филипче до Синофарм за набавка на вакцини“.

И премиерот Зоран Заев и министерот за здравство вчера негираа „какви било незаконски дејства во обидите за набавка на вакцини од Кина“.