Ивановска: Може немало грешка кај родилката од Дебар, може имало намера

43

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, во врска со случајот со родилката од Дебар која остана без три органи, вели дека ДКСК не може да постапи за предметот, бидејќи Јавното обвинителство работи на негово расветлување. Меѓутоа, таа во интервју на Сител посочи дека можеби навистина не станува збор за грешка на хирургот Мухамед Асани, како што утврдила Лекарската комора. Можеби, вели Ивановска, се работи за намера.

-Еве, Лекарската комора не утврди грешка. Па може и нема грешка, има намера, има лоша намера. Тоа е сѐ смислено и немарно направено. Не може некој да влезе и да излезе без органите. Ќе го повторам прашањето: Што гарантира лиценцата? Дали лиценцата на еден доктор гарантира дека тој е стручен, професионален и оти тој обезбедува сигурност и безбедност на пациентот? Па сега после вакви настани колку пациентите ќе бидат безбедни и да одат во болница и после анестезија, кога ќе се разбудат ќе бидат со сите органи? Навистина ова нема никаква логика, нема никаква смисла – рече Ивановска.

Според неа, Асани не бил лојален на институцијата со која раководи, односно на струшката болница, бидејќи имал сопствена илегална ординација во сопствениот дом. Во овој дел, според Ивановска, има судир на интереси и Комисијата ќе постапува.