Иванов сведочеше за „27 април“: Небулозни тврдењата дека сум планирал воена состојба

32

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов утрово имаше едно од ретките појавувања во јавноста по заминувањето од функцијата.

Тој дојде во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи за организацијата на настаните од 27 април 2017 во Собранието, по предлог на одбраната.

Прашан за изнесените информации за прогласување воена состојба на 27 април 2017 година, Иванов рече дека се што е поврзано со воена состојба произлегло од текст објавен во еден неделник, неколку дена претходно.

– Беа изнесени невистини и шпекулации кои потоа се пренесуваа и коментираа. Целиот текст е небулоза, затоа што Уставот е јасен. Како држава имаме строго дефинирани механизми за спречување злоупотреба на воена состојба. Тоа е школски пример на психолошка војна, за некој да преземе нешто, а вината да падне на претседателот и армијата, рече Иванов.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.