Избори во В. Британија: Гласање без големи шанси за излез од агонијата „Брегзит“

15

Во Велика Британија денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори. Право на глас на изборите за 650 пратенички места имаат околу 46 милиони Британци. Партијата која ќе освои апсолутно мнозинство ќе формира влада, а нејзиниот лидер станува премиер. Доколку ниту една партија не освои доволен број пратенички места, онаа која има најмногу може да се обиде да формира малцинска влада или коалиција со некоја друга партија.

Лидерите на партиите во последниот ден од кампањата им испратија клучни пораки на гласачите пред гласањето. Борис Џонсон истакна дека само Конзервативната партија „ќе го заврши брегзитот“ и ќе го забрза напредокот на земјата, додека Џереми Корбин истакна дека Лабуристичката партија „ќе ѝ даде надеж на следната генерација“.

Каква иднина и носат изборите на Велика Британија?

Премиерот Борис Џонсон, како лидер на Конзервативната партија, сака Велика Британија да ја напушти Европската унија (ЕУ) со ревидираниот договор што го договори со Брисел.

Тој најави дека доколку формира влада, би го започнал процесот со кој ќе се заврши процедурата за напуштање на ЕУ уште првиот ден на новиот парламентарен состав. Џонсон претходно рече дека Велика Британија ќе замине на 31 октомври, но, сепак, не успеа во тоа и беше принуден да напише писмо до Брисел со барање за одложување на Брегзит, откако пратениците не успеаја да го одобрат неговиот ревидиран договор.

За разлика од Конзервативната партија на Борис Џонсон, Лабуристичката партија на Џереми Корбин сака радикално да го смени договорот за Брегзит кој го постигна Џонсон и истиот да го изложи на референдум со опција граѓаните да го прифатат ревидираниот Брегзит по мерка на Лабуристите или да ја отфрлат опцијата за целосно напуштање на ЕУ. Корбин вели дека ќе го постигне тоа во рок од шест месеци. Лабуристите, како што велат, нудат „разумна“ опција за напуштање наспроти останување во ЕУ.

За нив опција да се остане во ЕУ значи дека ќе се преговара Велика Британија да остане во царинската унија на ЕУ и да ги задржи сите привилегии на единствениот европски пазар. Ова би овозможило на Велика Британија да продолжи со трговијата со ЕУ без царински бариери.

Исто како и конзервативците, и лабуристите имаат внатрешните поделби во врска со својата политика кон Брегзит. Повеќе од 25 пратеници на лабуристите сметаат дека нивната партија треба да го отфрли Брегзит и да се залага за останување во ЕУ. Помалите парти како Либерал-демократите и Шкотската национална партија го застапуваат ставот за отфрлање на Брекзит.

Шкотската национална партија е усогласена со лабуристите за поддршка на втор референдум, се додека останувањето во ЕУ е опција на гласачкото ливче, додека либералните демократи ветија дека ќе го отповикаат член 50 и ќе го откажат Брексит во целост ако победат.

Какви се прогнозите?

Според последните истражувања на јавното мислење, од 65о места во Парламентот Конзервативната партија ќе освои 359 места, за разлика лабуристите на кои сондажите им предвидуваат 211 места.

Меѓу помалите партии, предвидено е проевропските либерални демократи да освојат 14 проценти од гласовите и 13 места во парламентот. Шкотската национална партија (СНП), која има кандидати само за 59 изборни единици во Шкотска, се предвидува да освои 43 места, но има само три проценти од сите гласови.

Забавната економија, кревањето на здравствени и социјални услуги, ширењето на климатската криза и законот и редот се меѓу клучни проблеми кои ги преокупираат граѓаните на Велика Британија.

Неизвесноста околу идниот однос на Велика Британија со ЕУ доведе до тоа економијата да ја регистрира најниската годишна стапка на раст за скоро една деценија, при што растот на годишно ниво во последниот квартал паѓа на анемичен еден процент.