Изборна треска

16

Маршот на слободата веќе се чувствува, a оружјето на народот е да се спротивстави на убиената надеж, заробената иднина, да се справи со предавството на оние на кои им верувал, прогоните и дискриминацијата, и што ли уште не! Битката нема да биде лесна, ниту, пак, некогаш била, но на крај ќе ја заслужи победата

Од  Др. Арбен ТАРАВАРИ

Со пресекувањето на датумот за предвремени парламентарни избори, 12 април следната година, во нашата чудесна и северна Македонија повторно се пее истата песна. На сцена ќе настапат „музиканти“ политичари кои се замислуваат дека се прва виолина, а всушност не знаат ни како се држи инструментот!А, камоли, пак, да свират.

Арно ама, како и мечките што се будат од зимскиот сон, така и овие квази-политичари, по секоја цена, ќе се обидуваат да го свртат вниманието кон народот. Исти говори, само сменети датуми, демагогија до бесвест, алчност за тронот до небеса. И тука почнуваат стиховите што упорно се повторуваат „илјадници работни места, илјадници нови инвеститори, чист воздух, решени комунални и инфраструктурни проблеми и така редум и така редум“.

Говори се плетат небаре перпетуум мобиле, а заложби за промени никакви. И така, дотерани во кампањски аутфит, му се нафрлаат на народот. Почнуваат средби по населбите, селата и градовите. Ги паркираат своите автомобили кои се поскапи од селското училиште каде што отишле да ги убедуваат луѓето дека треба да гласаат за нив. Посетите на овие функционери наликуваат на оние на некогашните велепоседници кои ги посетувале своите робови  на полињата на памукот. Изгубиле секаков контакт со реалноста.

Интересно е како некои моќници ја обвинуваат Владата за секој скандал што не може да сокрие, како што се убиства на деца, неправедни пресуди, недостиг на училишта, заборавајќи дека во Владатасе самите тие. Дење како Дон Кихот се борат со ветерниците, а ноќе се претвораат во Жозеф Фуше,кој со дијаболичко мајсторство успеа да ја преживее промената на власта во наполеонска Франција, ставајќи во гилотина многу важни глави на француската политика.

Така, оние кои вработувале со партиска книшка,краделе и секојдневно крадат стотици и илјаднициевра народни пари, осакатувајќи училишта, болници, патишта, економија, луѓето кои го дизајнираа и годиригираат најголемиот егзодус на народот од државава, сега се веќе опфатени со изборната треска.

Оваа метафора може да се образложи и научно. Ќе го направам тоа како лекар – невролог. Кога пациентот е со треска тој ја губи способноста точно да ги артикулира мислите коишто му предизвикуваат речиси анксиозна состојба, а тоа резултира со тресење на телото, па сѐ до силни конвулзии. Е, сега,истиот тој табор кој што уништил многу животи, сега веќе е во хистерична предизборна фаза. Фазатакоја одлучува дали тие повторно ќе живеат во царството на криминалот или … или ќе завршат в затвор. Или, пак, во најдобар случај, ќе бидат дијагностицирани како клинички психопати, завршувајќи во психијатриските болници. На овие луѓе со сериозни проблеми, со психопатско и криминално однесување, местото не им е во власта. Колку и да го посакуваат тоа!  Нека си ја пејат они истата песна, само нека продолжат. Но, народот веќе гледа поинаку. Не им верува. Ги разбуди и освести предавството, сиромаштијата, депресијата, животот кој им се крати од ден на ден….

Неверојатно е од каде овие квази-политичари ја црпат храброста да го продолжат своето патување како сигурни губитници. Има ли мудри и добри луѓе околу овие лузери?! Се разбира, има! Но, и тие се жртви на нивното лудило. Жртви на политичкиоткриминал најчесто се граѓаните, но ги има и меѓу оние кои денес можат да бидат на највисоки државни позиции.

Чувствувајќи го несомненото слабеење на силите, со една нога во Владата, а со друга во бездната, се слуша чкрипењето заби од предизборната треска. Позиционирани на вообичаените фронтови, тие, или треба да победат на изборите или се знае што ги очекува. Но, Маршот на слободата веќе се чувствува, a оружјето на народот е да се спротивстави на убиената надеж, заробената иднина, да се справи со предавството на оние на кои им верувал, прогоните и дискриминацијата, и што ли уште не! Битката нема да биде лесна, ниту, пак, некогаш била, но на крај ќе ја заслужи победата.

А на квази-политичарите им порачувам: фрлете го белото марамче и признајте го поразот уште на маса. Сте засадиле толку многу огорченост кај народот, што ќе жнеете тоа што сте посеале.  Затоа што моќта на луѓето е многу поголема отколку силата на оние што ја имаат моќта!!!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)