Изборниот процес пред завршница, Судот денеска ќе одлучува за последните тужби за резултатите

15

Управниот суд, денеска, на нова јавна седница, ќе одлучува за последните тужби за изборите на 15 јули, по што се очекува ДИК да ги објави конечните официјални резултати и да им ги врачи решенијата на новоизбраните пратеници, кои во почетокот на август би се собрале на конститутивна седница на 10 Собрание.

Надлежниот суд досега ги отфрли сите тужби против решенијата на ДИК, која во неделата, консензуално, ги отфрли или одби сите приговори на партиите за гласањето и сумирањето на резултатите.

Останува денска Судот да се произнесе уште за две тужби на ВМРО-ДПМНЕ, кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од изборите, и по една на партијата Демократи и на Единствена Македонија.

До вчера вечерта, судот ги одби како неосновани сите други тужби, поднесени од коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и партиите Левица, Интегра и МОРО – Работничка Партија.

Со оглед на големиот број на тужби во Управниот суд изминатите денови се одржа повеќе јавни седници. Разледувањето и одбивањето на тужбите против одлуките на ДИК се одвиваше одделно од неколку совети предводени од по пет судии. До вчера во Управниот суд беа разгледани 186 тужби, така што мали се шансите да има прегласувања в среда, на 29 јули, кога ќе се заокружат две седмици од изборите или, пак, да се оди на пребројување на глас по глас, како што бараше ВМРО-ДПМНЕ.

Според конечните неофицијални резултати, на 10 парламентарни избори, најмногу гласови и мандати освои колаицијата на СДСМ „Обнова“. Влез во парламентот обезбедија три колаиции и уште три партии кои настапуваа самостојно на изборите.

Во парламентот веќе се подготвува теренот за конститутивната седница, која треба да се одржи до 4 август.

Потоа ќе почнат да течат уставните рокови од 10 плус 20 дена за составување на идната влада, која би можело да биде избрана во почетокот на септември. Дотогаш, се уште ќе биде во функција техничката влада, на чело со Оливер Спасовски, од каде што, по конечноста на резултатите од изборите, односно веќе следната седмица, треба да се повлечат дополнителните заменик-министри во пет ресори и техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. До изборот на новата влада, со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика ќе раководат редовните заменик министри Агим Нухиу (ДУИ) и Ѓонул Бајрактар.