Изборот на уставни судии се враќа на дневен ред во собраниската Комисија

52

Дебата за изборот на тројца уставни судии се враќа во матичната собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата. За денеска, како што стои во собранискиот календар на официјалната веб-страница, има продолжение на седницата на комисијата на чиј дневен ред е оваа точка.

За трите испразнети места за кои конкурс беше распишан пред повеќе од една година предложени се вкупно 9 кандидати. Тројца дојдоа како предлог од владејачкото мнозинство: актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески, апелацискиот судија Фатмир Скендер и правничката Татјана Васиќ; а шестмина предложи опозицијата: професорката од Правниот факултет во Скопје Родна Живковска, пензионираниот професор Саво Климовски, шефот на Вишото обвинителство Шитп Тодор Витларов охридскиот обвинител Воислав Димоски, управната судијка од Битола Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.

Досега Комисијата ја заврши расправата за двајца од кандидатите. Апелацискиот судија Скендер со мнозинство гласови беше утврден како предлог да биде уставен судија.

Професорката Живковска, пак, не доби поддршка од мнозинството членови во собраниската комисија. Во тек е расправата за предлогот Васиќ, за која дебата почна на минатите продолженија.

Од деветмината кандидат Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да утврди три имиња како предлози кои потоа ќе треба да бидат изгласани и на пленарна седница.

Тројцата судии треба да ги пополнат местата на, сега веќе, ексуставните судии Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, чиј мандат истече уште на крајот на мај 2021 година. Лани во јуни беше закажана седница за да се утврдат предлози за испразнетите места, но седницата започна во тензична атмосфера по што беше прекината. Потоа следуваа локални избори, преструктурирање на мнозинството во Собранието и измени во составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Во меѓувреме му истече деветгодишниот мандат и на судијата Јован Јосифовски кој го напушти Уставен на крајот на јануари годинава со што судот остана со само пет од вкупно предвидените девет судии односно се доведе на работ на кворум за одржување седници, а за голем број иницијативи поднесени до Уставен гласањето се одложува поради немањето доволен број гласови за да се донесе одлука.