Извештај на БВМН: Хрватска има подруми за мачење во близина на Србија

13

На граничниот премин Бајаково кон Србија, Хрватска има подруми во кои полицијата ги претепува мигрантите, се тврди во најновиот извештај на Мрежата за мониторинг на граничното насилство (БВМН), која се занимава со правата на мигрантите и на бегалците, пренесува хрватски „Индекс“.

Во извештајот за октомври 2019 година оваa мрежа ги прозва хрватските власти за кршење на човековите права на мигрантите и за спроведување нелегални политики на системско насилство врз нив. Се наведува дека во подготовката на овој извештај активистите на БВМН, меѓу другото, интервјуирале 30 мигранти и ги забележале нивните искуства.

Во споменатиот период, како што се наведува, забележан е исклучително голем број инциденти со полициско насилство, а како особено вџашувачка приказна го наведуваат постоењето подруми на граничниот премин Бајаково во кои хрватската полиција ги претепува мигрантите.

„Во тој подрум службениците на хрватската гранична полиција со раце и со палки претепувале малолетници, од кои дел имале само по 12 години. Едно сведочење ја опишува просторијата со големина од осум квадратни метри до која се доаѓа по скали што водат под просториите на граничниот премин“, пишува во извештајот на БВМН.

Во таа мала просторија без прозорци понекогаш уфрлале и група мигранти. Во текот на престојот во подрумот на Бајаково мигрантите немаат право да одат во тоалет ниту имаат пристап до вода и храна, а ускратено им е и правото да побараат азил.

Еден 16-годишен Авганистанец раскажал дека во тој подрум го држеле повеќе од еден час и дека го тепале со раце и со пендреци. Кај еден малолетник хрватската полиција користела и електрошокер и го удирала од ѕидот на подрумот.

„Случаите забележани во октомври откриваат дека подрумската просторија е дискретна локација на која полицајците можат да ги малтретираат транзитните групи мигранти и во која се заштитени од погледите на возачите што ја преминуваат границата“, се вели во извештајот.

Од БВМН потсетуваат и дека медиумите известуваа за „гаражата за мачење“ во Кореница, во која полицијата ги водела фатените нелегални мигранти, и наведуваат дека хрватската полиција сè повеќе го користи соблекувањето на мигрантите како уште еден начин на малтретирање.

Со доаѓањето на зимата и студеното време, таквата полициска тактика станува особено опасна зашто може да доведе до хипотермија и до повреди на рацете и нозете, особено кога полицијата ги принудува мигрантите боси да одат низ студени потоци, што исто така е забележано како честа практика.

Во извештајот се наведува дека во октомври хрватската полиција протерала најмалку 464, а најмногу 607 мигранти, зависно од изворот. Повеќето мигранти биле протерани во БиХ, но има и примери на протерување во Србија.

Од БВМН истакнуваат дека во хрватското законодавство постои можност полицијата да ја примени мерката соблекување на осомничениот, но само во случаи кога се пребарува за скриено оружје. Меѓутоа, во документираните случаи мигрантите биле и до 24 часа во надлежност на хрватската полиција, која им наредила да се соблечат дури откако ги одвела на зелената граница. Ваквото постапување на хрватската полиција, како и дека соблекувањето на мигрантите зачестува со заладувањето на времето, во март го забележале и од „Амнести интернешнел“

Забележани се и два случаи во кои хрватските полицајци, откако им наредиле на мигрантите да се соблечат голи, со пендреците им ги допирале гениталиите и така сексуално ги злоупотребувале и понижувале.

Се наведуваат и дозкази за општопознатата практика на кршење на мобилните телефони на мигрантите, а хрватските закони се кршат и кога на мигрантите им се оневозможува да го искористат правото на барање азил. Такви случаи се забележани во полициската станица во Глина, како и во Огулин.

Во извештајот се нагласува дека и покрај насилното и незаконско однесување на хрватската полиција, Хрватска добила зелено светло за влез во шенгенската зона на слободно движење во ЕУ и пофалби од претседателот на ЕУ во заминување, Жан-Клод Јункер.