Изгоре центарот за мигранти на грчкиот остров Лезбос

22

Десетици илјади мигранти се упатија кон копнената граница на Турција со Грција, откако владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган минатата недела објави дека Турција „ја отвора вратата“ за бегалците да заминат во Европа.
По бројните инциденти деновиве утрово на границата е мирно.
Доцна синоќа пак избувна пожар во бегалски камп за мигранти на грчкиот остров Лезбос.
Пламенот го зафатил центарот „Едно среќно семејство“ и за сега нема информации како настанал пожарот.
Магацинот во кој имало електрични инсталации и мебел целосно е изгорен.
И покрај огромната материјална штета нема настрадани. Ова е втор пожар што избувна на инсталацијата на зградата за мигрантите, по пожарот минатиот понеделник.
Грчките медиуми јавувааат дека вчера група мигранти се обидиле да ја урнат оградата во очајнички обид да ја разбијат границата кон Грција, додека други фрлале со камења кон грчката полиција.
Полицијата пукала солзавец кон младите мигранти. Сириецот Ахмед вели дека тие не се закана за Европската Унија и се што сакаат е да имаат дом.
“Ние не сме терористи, не сме тука да започнеме војна со Грција. Ние сме група на луѓе кои немаат дом. Ние не сме како луѓето кои бараат прибежиште и помош од Европа за лични причини. Грците фрлаат солзавец и шок бомби на нас, а тука има и мали деца, од кои некои веќе и починаа. Што е решението? Ние не сакаме ништо од Европската Унија, сакаме само нација во која ќе можеме да живее безбедно” – вели бегалецот Ахмед.
Обиди за пробивање имало и со турско борбено возило , објави Грчката влада. На снимката се гледа како турско борбено возило ја отстранува грчката гранична ограда за да им направи пат на мигрантите илегално да влезат на грчка територија.
Борбеното возило со помош на кабел ја отсрани заштитната ограда на границата кон Грција. Високата жичена ограда е веќе оштетена, бидејќи мигрантите ја сечат со мотоцангли.
Тие веднаш започнаа да монтираат уште еден ред заштитна бодликава ограда.
По последните случувања и турскиот претседател Ердоган утре патува во Брисел за да разговара за емигрантската криза на турско-грчката граница, објави државната телевизија ТРТ.
Грчкиот премиер Мицотакис предупредува дека договорот меѓу Европа и Турција пропаднал бидејќи турските власти ја поттикнале актуелната криза со тоа што ги охрабруваат или дури им помагаат на емигрантите на патот кон Европа
.Во меѓувреме Хрватска одлучи да прифати деца без родители од бегалските кампови на грчките острови.
Точниот број на деца се уште не е познат, а за да се избегне злоупотреба на статусот „дете без придружба“, бидејќи децата понекогаш се користат како средство за добивање азил од едно семејство, ќе се прави темелна проверка на статусот на секој малолетник кој е сам, особено на оние што ќе бидат префрлени во Европа.