Изложба „Стеги“ на Илија Струмениковски во Куманово

16

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на 24.2.2022 (четврток), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Стеги“ од авторот Илија Струмениковски.

Се работи за 20 слики работени во техниката акрил на хартија и претставуваат дел од најновата продукција на Струмениковски којшто живее и работи во Куманово.

Илија Струмениковски е роден 1940 година и зад себе има реализирано извонредна актерска кариера како театарски, филмски и телевизиски актер. Се пензионира во 2005 година, а за својата работа има добиено повеќе награди и признанија. Покрај актерството, тој педесетина години се занимава и со сликарство остварувајќи дваесеттина самостојни претставувања, како и учество на повеќе групни изложби.

Од своето последно јавно презентирање, пред 9 години, па сè до денеска, авторот Илија Струмениковски остана верен на идејата дека уметноста може да го објасни светот, за што визуелно говори и во најновиот циклус „Стеги“.

Развивајќи ја претходно поставената ликовна лексика, со пречистен цртеж и сложена просторно-контекстуална композиција, составена од веќе познати архетипски елементи ставени во една симбиоза којашто извира од центарот на сликата, Струмениковски цврсто опстојува на изворно поставениот концепт: перманентната интеракција помеѓу животот и неговото опкружување проследено со незапирлива трансформација и модификација, како циклично поставена енергетска трансмисија на форми и бои во целиот раскош на комплексноста на постоењето.