Израел: Вакцината Бионтек/Фајзер помалку ефикасна против Делта-сојот

7

Според Министерството за здравство на Израел, ефикасноста на вакцината Бионтек/Фајзер се намалила поради Делта-сојот. Таа сега спречува само 64% од инфекциите, но заштитата од тешки облици на Ковид-19 останува висока.

Ефикасноста на вакцината Бионтек/Фајзер во Израел, според Министерството за здравство на таа земја, е значително намалена во последните недели. Агресивниот Делта-сој на коронавирусот се шири паралелно, соопшти Министерството. Од 6 јуни ефикасноста на вакцината во спречување инфекција е падната на 64%. Меѓутоа, вакцината и натаму многу добро заштитува од тешко заболување и болничко лекување – имено 93%.

Министерството укажува дека податоците со кои се располага се ограничени и студијата е само привремена. Сепак, в очи паѓа значително отстапување од поранешните податоци во врска со вакцината. Во февруари, израелското Министерство за здравство објави дека вакцината Бионтек/Фајзер спречувала Ковид-19 со ефикасност од 95,8 проценти. Симптомите како што се треска и отежнато дишење биле спречени во 98 проценти од случаите, додека ефикасноста во однос на спречување на престој во болница, сериозни болести и смрт била 99 проценти.

Поради високата стапка на вакцинација, Израел има добри податоци. Веќе околу две недели, бројот на регистрирани нови инфекции значително се зголемува. Според Министерството за здравство, во неделата позитивни на коронавирус биле 334 лица. Последен пат повеќе од 300 нови инфекции во еден ден беа регистрирани на почетокот на април.

Сепак, веќе две недели не се пријавени смртни случаи поврзани со вирусот, а повеќето нови инфекции се поврзани со варијантата Делта, која за првпат беше откриена во Индија. Многу од заразените се помлади луѓе.

Околу 50 проценти од заразените се вакцинирани. Израел пред неколку недели ги укина практично сите корона-ограничувања.

Со оглед на зголемениот број на инфекции, лекарите сега разговараат за тоа како да се постапи понатаму. Некои бараат построги правила, не само задолжителна маска за затворени простории – барање што важи повторно, но ретко се почитува.

Други експерти предупредуваат дека не треба да се создава паника и укажуваат на пополнетоста на креветите во одделенијата за интензивна нега со пациенти со Ковид-19 – во Израел, тој број е сѐ уште многу мал.