Израел напаѓа, Хамас се заканува со одмазда

15

Израелските сили денеска го убија врховниот командант на палестинската милитантна група Исламик џихад, која е поддржана од Иран, во напад извршен во Појасот Газа, на што екстремистите одговорија со ракетирање на израелски градови, вклучувајќи го и Тел Авив.

Израелската војска соопшти дека во воздушниот напад е убиен командантот Абу ел Ату во неговата куќа во Појасот Газа, што е потврдено и од екстремистичката група.

Сириските медиуми објавија и дека израелските безбедносни сили гаѓале станбена зграда во Дамаск, во која живее вториот командант на Исламик џихад, Акрам Екл Аџури, при што загинале две лица, но се уште не се знае дали меѓу жртвите е и еден од неговите синови.

Поради овие напади палестинското движење Хамас вети дека ќе се одмазди, нагласувајќи дека Израел „ќе има последици поради овој опасен напад и ескалациите“.

Во утринските часови се слушнале сирени во сите градови на Израел, а училиштата во јужниот и централниот дел на земјата денеска ќе бидат затворени. На граѓаните им е препорачано да останат во своите домови, да не одат на работа, а отворени се и засолништата. гт/