Иницијативаза конгрес: На Македонија и треба сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ

9

На Македонија и треба сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ. Без сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ, власта ќе продолжи да се чувствува комотно, а нејзината неодговорност ќе оди на штета на сите граѓани и државата.
ВМРО-ДПМНЕ треба да биде пример како се работи отчетно и одговорно.

Тој пример треба да го покаже сеуште актуелниот претседател Христијан Мицкоски со појавување пред делегатите на вонредниот конгрес закажан за 28 март во Скопје.

Неговото одбивање да се соочи со сопартијците кои му ја дадоа довербата на вонредниот конгрес во Валандово, може да биде оправдување за секое идно неодговорно однесување на власта.

ВМРО-ДПМНЕ мора да постави нови стандарди во политиката доколку сака да се наметне во јавноста како сериозна алтернатива на власта.

ВМРО-ДПМНЕ треба да ги подигне критериумите кои го доведоа народот во апатија.

ВМРО-ДПМНЕ има обврска пред членството и симпатизерите да ги врати 150 000 гласови кои беа загубени од изборите во 2016 година до изборите во 2020 година.

Најодговорен за тоа е Христијан Мицкоски кој има обврска да објасни првин пред своите сопартијци се што сработел овие три години и дали ефектот од тоа што го сработел ги задоволува неговите очекувања и претходно поставени цели.

Дали се точни партиските информации кои се лиферуваат по медиумите дека Мицкоски обезбедил мнозинство и доколку се точни, зошто тогаш и се остава еден ден повеќе на власта доколку тоа е на штета на Македонија ?

Кој е ставот на Мицкоски во однос на изјавите на Арбен Таравари, генерален секретар на Алијанса за Албанците, дека нема коалиција со партија која не ги признава Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија ?

Овие прашања заслужуваат одговор пред делегатите на конгресот.

17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток.

17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на соочување со грешките и пропустите и нивно надминување.

17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес кој ќе донесе нова енергија и верба дека партијата знае и умее да победува.