Иницијативата на ЗЏМ се оствари, ќе се формира „Оркестар за џез-музика“

5

 

Владата на вчерашната седница донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез-музика во Република Северна Македонија“ – Скопје чија основна дејност е подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век. Со ова се оствари Иницијативата на Здружението на џез музичари, посочуваат од ЗЏМ.

-Новата национална музичка институција се формира на иницијатива на Здружението на џез музичари и слободни уметници, кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура. Преку оваа установа се негуваат талентираните џез музичари кои работат и кои се школуваат во земјава и им се овозможува траен и одржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез културата, како и да ја популаризираат македонската џез-музика, истакнуваат од ЗЏМ.

Оттаму нагласуваат дека оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност.

-Оркестарот на Здружението на џез музичари и слободни уметници веќе се има докажано како врвен ансамбл кој е на ниво на светските стандарди, така што како Национална установа ќе продолжи во насока на ширење на концертната дејност, организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство, а ќе продолжи со вмрежување со европските и светски сродни институции, по практиката која веќе ја востанови, велат од ЗЏМ.

Националната установа просторно ќе биде сместена во објектот на НУ Национална Филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет.

Владата на вчерашната седница донесе и одлука за формирање на Националната установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар чија основна дејност ќе биде музејска дејност, односно истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и презентирање на музејските материјали.

-Оваа установа ќе ја афирмира современата ликовна уметност, како одговор на потребата ликовната сцена во полошкиот регион да биде збогатена со стручна институција од областа на музејската дејност, велат од ЗЏМ.