Иницијатива „мини Шенген“: Вучиќ и Рама денеска и утре во Скопје

3

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама денеска и утре ќе престојуваат во Скопје во рамки на иницијативата за соработка позната како „мини Шенген“ и ќе остварат средби со македонскиот премиер Зоран Заев.

Заев, Вучиќ и Рама ќе учествуваат на Економскиот форум за регионална соработка во организација на Стопанските комори на Србија, на Македонија и на Албанија. Вучиќ минатата недела соопшти дека на регионалниот економски форум во Скопје ќе биде променето името на иницијативата „мини Шенген“, дека ќе бидат потпишани три договори и дека на граничните премини ќе се направат „брзи ленти“ за побрзо минување на луѓето од регионот.

– Работевме на три документи и верувам дека ќе ги потпишеме во Скопје. Тие се важни документи за трговија, за работни дозволи и за заемна поддршка во случај на пожари, поплави и други катастрофи, што е во интерес на нашите народи, изјави Вучиќ.

Скопскиот форум за регионална соработка на Западен Балкан ќе обедини компании од Србија, од Албанија, од Македонија и од БиХ, како и други регионални и европски економии, но и претставници на влади, на финансиски институции, универзитети, меѓународни делегации и здруженија. Меѓу 300 и 400 учесници се очекува да имаат билатерални Б2Б состаноци.

Најголем дел од компании доаѓаат од градежништвото, од земјоделско-прехранбениот сектор, од енергетиката, од машинеријата, од автомобилската и текстилна индустрија, од туризмот, од ИКТ, од телекомуникации, од транспорт и логистика, итн.

Според Развојната агенција на Србија, Вучиќ, Рама и Заев ќе претстават политичка и економска визија на интегриран регион. Планирани се и бројни средби на бизнисмени од регионот кои ќе се одржат по официјалниот дел на Форумот.

Ќе учествуваат речиси 400 компании од регионот. Повеќето од нив, над 200, аплицирале од Србија, над 100 од Македонија, околу 40 од Албанија, десетина од ​​БиХ и помал број или по една компанија од Австрија, од Тајван, од Израел, од Полска, од Романија, од Бугарија, од Франција и од Грција.