Иницијативен одбор: Мицкоски нема капацитет да ја води партијата – „Време е партијата да се сплоти на 17-от Вонреден конгрес во Скопје на 28 март“

26

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение упати реакција на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Од таму велат дека „се уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата“ и додаваат дека „тоа резултира со видлива несигурност и немир, кои предизвикуваат панични реакции на ароганција, гнев и навреди кон сите оние што се охрабруваат да ја кажат вистината што ја гледа целата јавност“.

„Вистината е дека Мицкоски е неспособен да ги привлече симпатиите на граѓаните и служи само како спаринг партнер во изборните победи на власта.
Вистината е дека Мицкоски има погрешно поставени приоритети, а личните, лукративни интереси му се поважни од партиските и државните. Партиските членови и граѓаните ја препознаваат ароганцијата со која што ја прекрива сопствената несигурност и со тоа ја влече партијата надолу. „Заробеници“, „слуги“, „гадење“, „криминални обиди“, „стопан Заев“ се само дел од епитетите со кои Мицкоски вчера ги навредуваше делегатите што го избраа и му доверија партија од 150 000 членови“, пишуваат од Иницијативата.

Посочуваат дека нивниот единствен грев е тоа што тие очекуваат од човекот што го избрале да се објасни дали партијата ја водел успешно или не.

„Дали смета дека имал успеси или порази ? Нивниот грев е тоа што бараат објаснување дали власта била толку добра или Мицкоски бил лош за да победи на избори ?
Наместо одговори и отчет пред оние кои го избрале, Мицкоски возвраќа со навреди кои се срам за секој чесен член на партијата. Недоличниот вокабулар на Мицкоски и заканите кои ги упатува ги препознаваат и граѓаните и меѓународната заедница. Затоа Мицкоски е изолиран. Затоа Мицкоски бега од соочување со одговорноста“, додаваат во соопштението.

Порачуваат дека на Мицкоски му е неопходно членка на Централниот Комитет на последната седница да бара збор за дискусија, и како што велат, да му кажува „насмејте се претседателе“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема веќе време за губење. ВМРО-ДПМНЕ не може веќе да си го дозволи луксузот и да губи уште пет изборни циклуси пред да биде побарана одговорност од Мицкоски. Време е партијата да се сплоти на 17-от Вонреден конгрес во Скопје на 28 март.“, се вели во соопштението.