Интервју на Горан Пандев: Имам над 500 меча во кариерата, но овој е најважниот, убеден сум дека ќе ја победиме Грузија!

79

Капитенот зборува и за поразите од Андора, за откажувањето од селекцијата и враќањето, како и за тоа како се формираше „семејството“ наречено фудбалска репрезентација на Македонија.

Речиси 20 години поминаа од дебито на Горан Пандев во дресот на македонската фудбалска репрезентација, а капитенот сега е на чекор од остварување на сонот. Победа против Грузија утре во Тбилиси ќе значи и пласман на Македонија на Европско првенство.

Пандев во интервју непосредно пред заминување за Тбилиси открива дека ова ќе биде најважниот меч во неговата кариера, зборува за хемијата која е создадена во националниот тим, за тоа дека сите се подготвени да го дадат максимумот за да го остварат сонот на сите фудбалски генерации досега.

„Скоро 20 години сум во репрезентацијата. Дојдовме на 90 минути од остварување на сонот. Најважен меч во мојата кариера, најважен меч во нашата фудбалска репрезентација. Се надевам дека и ние конечно ќе се израдуваме и мојот сон ќе се оствари. Безброј натпревари, многу финалиња, но сигурно дека настапот во репрезентативниот дрес е нешто посебно за мене. Не само за мене, туку за сите момци кои сме дел од репрезентацијата. Доволно сме искусни и подготвени сме. Ќе го дадеме максимумот. Фудбал е, може да се случат многу работи. Оптимист сум и се надевам дека на крајот сите ќе се радуваме“, вели Пандев, а целото интервју дадено за ФФМ ТВ може да го погледнете тука.