Инфлацијата во Турција достигна речиси 80 отсто

2

Инфлацијата во Турција во јули достигнала годишна стапка од 79,6 отсто, што е нејзината највисока вредност во изминатите 24 години, покажаа во средата објавените резултати на турската агенција за статистика, а тоа е последица од континуираното слабеење на националната валута лирата и високите глобални трошоци за енергијата и суровините.

Претходно се предвидуваше дека на годишно ниво инфлацијата на потрошувачките цени во јули ќе изнесува 80,5 отсто.

Инфлацијата во Турција започна да расте минатата есен, кога лирата остро падна откако тамошната централна банка постепено ја намалуваше клучната каматна стапка за 500 базни поени, на 14 отсто во циклусот на монетарно ублажување коешто го бараше претседателот Реџеп Тајип Ердоган кој во минатото со случен метод се справуваше со економските проблеми.

На месечно ниви потрошувачките цени пораснале во јули за 2,37 отсто, објави турскиот завод за статистика. Најголемиот раст на потрошувачките цени забележан е во секторот транспорт, за дури 119,11 отсто, додека цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснале за 94,65 отсто.

Џејсон Тувеј, виш економист за пазари во формирање во „Capital Economics“ за Reuters коментира дека годишната инфлација можеби се приближува до пикот, имајќи го предвид остриот пад на инфлацијата кај енергенсите, а инфлацијата на цените кај храната се чини дека е близу врвот.

„Дури и доколку инфлацијата биде близу пикот, ќе остане во близина на сегашната многу висока стапка уште неколку месеци. Острите и неуредни падови на курсот на лирата остануваат клучниот ризик“, оценува Тувеј.

Лирата, којашто минатата година ослабе за 44 отсто во однос на американскиот долар, годинава падна за дополнителни 27 отсто. Денеска по објавувањето на најновите податоци, со лирата се тргуваше по главно непроменет курс од 17,956 лири за долар. Во декември цената накусо ѝ падна на рекордно ниско ниво, па за долар требаше да се издвојат 18,4 лири.

Годишната инфлација сега е на највисокото ниво по 1998 година, кога достигна 80,4 отсто, а Турција се бореше да ја заврши деценијата хронично висока инфлација.

Турската влада објави дека инфлацијата ќе ослабе благодарејќи на нејзината економска програма, којашто им дава предност на ниските каматни стапки поради поттикнувањето на производството и извозот, а има цела да оствари суфицит на тековните сметки.

Претседателот Ердоган изјави дека очекува дека инфлацијата ќе се спушти на „соодветно“ ниво до февруари и март следната година, а централната банка минатиот четврток ја подигна процената на инфлацијата за крајот на 2022 година на 60,4 отсто од претходните 42,8 отсто.

Опозицијата и нејзе блиските економисти ја доведуваат во прашање веродостојноста на податоците на Турскиот статистички институт (TUIK), од каде ги отфрлаат таквите забелешки. Некои анкети покажуваат дека Турците сметаат дека инфлацијата е многу повисока отколку што покажуваат официјалните податоци.