ИПА програмите за млади не се доволно искористени, информираноста многу мала

5

 

ИПА програмите за млади се одлична можност за креирање на можности, меѓутоа информираноста за нив е мала, а на вклученоста на младите во креирањето на одлуките сè уште треба да се работи, беше истакнато на денешната работилница „Интерег-ИПА програми: Што им се нуди на младите?“ што се одржа во „Europe House Skopje“.

Оливер Андреески кој е член на Управен одбор на Национален младински совет на Македонија (НМСМ) информира дека приоритетите на програмата Интерег е да се подобри економијата, да има подобра конкурентност и подобра соработка со останатите земји од Западен Балкан и од Европската унија. Меѓутоа, како што напомена младите многу малку се запознаени со ваквите програми.

Според него, должност на локалната самоуправа, образовните институции, граѓанските организации, но и на целокупната заедница, е да ги информира младите за ваквите можности.

-Сметам дека треба да се даде важност на младите луѓе да бидат вклучени во креирањето на овие проекти. Не само активностите да бидат насочени кон нив, туку и да бидат вклучени во креирањето на овие програми. Генерално, овие програми создават доста можности со тоа што треба самите носители на одлуки, односно локалните самоуправи и институции да ги вклучат младите заеднички да ги искористат сите овие програми, бидејќи и самите анализи покажуваат дека ИПА програмите многу малку се искористени кај нас, рече Андреески.

Додаде дека со донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики има механизми кои нудат можности со самото имплементирање на централно и на локално ниво во пракса да им се даде поголема вклученост на младите.

-Сега во оваа ситуација и досега ретко се вклучуваат младите. Има некој исчекор со секоја година како што изминува, меѓутоа има уште многу работа за да бидат младите целосно вклучени во донесувањето на одлуките, вели Андреески.

Крисела Хачај, извршен директор на Институтот за соработка и развој, посочи дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со различни предизвици кога станува збор за вклученоста на младите и според неа ваквите програми имаат за цел адресирање на решенија за подобра вклученост и креирање можности.

-Има напредок, но сепак треба повеќе да се направи, во насока на свеста кај младите за тоа како може да имаат бенефит, за какви програми станува збор, кога повиците се активни и да видат што можат да направат како индивидуи, но и како соработници со институции, рече Хачај.

Работилницата се организира со цел младите да добијат можност да дискутираат за тоа како може повеќе да се вклучат во овие програми и како да аплицираат на програмските повици што ќе бидат објавени во претстојниот период.

Интерег-ИПА е програма за прекугранична соработка, кофинансирана од Европската Унија. Програмата ќе се фокусира на транзиција кон економија со ниски емисии на јаглерод, поддршка и надградба на здравствените и социјалните услуги и подобрување на владината соработка и нуди многу можности за соработка, добрососедски односи и социо-економски развој на нашите земји. Настанот е организиран од страна на Институтот за соработка и развој во Албанија во соработка со Националниот младински совет на Македонија, Европската комисија, Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија и Министерството за локална самоуправа.