Иран го отфрли американскиот повик на соработка сѐ додека САД не ги укинат санкциите

25

Техеран „не сака ескалација или војна“ и затоа ракетирал само воени објекти во одмаздата за американското убиство на генералот Касем Сулејмани, изјави амбасадорот на Исламска Република Иран во ОН Маџид Тахт Раванчи и го отфрли американскиот повик на соработка сѐ додека САД не ги укинат санкциите против Иран.

„Операцијата беше прецизна и целта беа воени објекти, поради што немаше колатерална штета за цивилите и имотот во областа“, напиша Раванчи во писмото до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и до Советот за безбедност на ОН.

Иранските ракетни напади во средата наутро на американските сили во Ирак беа извршени како одмазда за американскиот напад со дрон во кој минатата недела беше убиен иранскиот воен командант Сулејмани и поттикнаа стравувања за нова војна на Блискиот Исток.

Техеран го употреби „своето природно право на самоодбрана“ во согласност со Повелбата на ОН и „презеде и изврши одмерен и пропорционален воен одговор“, пишува Раванчи.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги повика потписничките на нуклеарниот договор со Иран од 2015, од кој САД се повлекоа во 2018, и тие да го напуштат договорот за да може да се склучи нов, подобар, кој би го потпишале и САД.

Договорот со Иран во 2015 го потпишаа САД, Кина, Русија, Британија, Германија, Франција и ЕУ, заради ограничување на развојот на иранската нуклеарна програма во замена за ублажување на санкциите.

„Мораме заедно да работиме кон создавање нов договор со Иран кој би го направил светот побезбедно и помирно место“, кажа Трамп. Тој додаде дека нема да ги укине санкциите додека не се смени иранската политика, но повика на соработка со Иран против џихадистичката група Исламска држава (ИСИС) и во областите каде што имаат заеднички интереси.

Раванчи го отфрли повикот на Трамп како „нереален“ бидејќи санкциите се и понатаму во сила, пренесе денес иранската државна агенција ИРНА.

Ова е прва официјална иранска реакција на вчерашниот говор на Трамп по иранскиот напад, а Раванчи кажа дека Вашингтон „иницирал нова низа ескалации и анимозитет од Иран“ со убиството на Сулејмани.