Ирска го одби договорот за минимален глобален данок

14

Ирска одби да ја потпише изјавата за воведува глобален минимален данок од 15 отсто за да се избегнат даночни оази за мултинационалните компании, која ја поддржаа 130 од 139 земји кои за тоа преговараат.

Изјавата зад која стојат 130 земји ја објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз, а таа предвидува глобален минимален данок од 15 отсто и поголемо оданочување на мултинационалните компании во земјата во која оствариле профит.

Ирскиот министер за финансии Паскал Донохо, кој преговара во име на Даблин, кажа дека Ирска начелно го поддржува договорот и дека ќе продолжи да преговара.

„Не бев денес во позиција да се придружам на консензусот за договорот и специфичната стапка на глобален данок од најмалку 15 отсто“, се наведува во соопштението на ирскиот министер.

„Ја изразив резервата на Ирска, но останува посветен на тој процес и се обидувам да најдам исход кој Ирска сепак може да го поддржи“ додаде тој.

Со стапка на данок на профит за компаниите од 12,5 отсто Ирска успеа да привлече некои од најголемите мултинационални компании и може да изгуби повеќе од повеќето земји ако се усвои предлогот.

Донохо, кој е и претседател на еврозоната, кажа дека го поддржува Првиот столб, кој превидува прераспределба на даноците во земјата во која е заработен профитот бидејќи тоа би донело стабилност и безбедност на меѓународната даночна рамка.

Претходно кажа дека сака со договорот да им се овозможи на помалите земји да ја користат даночната политика како средство за компензирање во однос на природните предности кои ги уживаат поголемите земји за привлекување големи инвестиции и компании.

Еден од осум ирски работници е вработен во мултинационална компанија.