Историчарите повторно без договор околу Гоце Делчев

9

Два дена исцпрни дебати во Софија меѓу историчарите членови на заедничката Комисија, но повторно со мал напредок. Клучниот проблем, евентуалното чествување на Гоце Делчев останува без решение.

Според извори од Комисијата, за ова се расправало денеска и двете страни ги образложиле своите идеи и предлози околу содржината на текстот кој би го усвоила Комисијата и доставила до двете Влади а со кој би се образложила потребата евентуално за заедничко чествување. Сепак, дискусијата завршила без никаков напредок по ова прашање бидејќи членовите на Комисијата не донесоа никаков заклучок или решение.

По завршувањето на средбата, извори од Комисијата за Телма, тврдат дека кај македонските членови останува чувството дека под влијание на политиката се негираат етничките чувства и идентитетот на етничките Македонци, и тоа претставува сериозен проблем во работата на Комисијата како и во надминувањето на проблемите и градењето на добрососедските односи.

Дека преговорите меѓу двата тима во комисиите одат тешко потврдија и претседателите Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров на вчерашното гостување на бугарската национална телевизија.

Вчера, на првиот ден од средбата, се дискутирало околу содржината на учебниците по историја за шесто одделение во Бугарија и седмо во Македонија а Комисијата усогласи препораки за бугарските учебници и усвои една препорака за македонските учебници.

Следната средба на мешовитата комисија, десетта по ред, ќе се одржи наредната година во Скопје а ќе се расправа за Гоце Делчев и содржината на учебниците за седмо одделение во Македонија.