Италијанскиот премиер Марио Драги ја потврди оставката

4

Премиерот ќе ја врши функцијата до формирањето на новата влада.

Италијанскиот премиер Марио Драги денеска му ја предаде оставката на претседателот Серџо Матарела, откако неговата влада на единство се распадна, втурнувајќи ја земјата во политички превирања и погодувајќи ги финансиските пазари.

Од канцеларијата на Матарела во соопштението се наведува дека шефот на државата „ја нотирал“ оставката и побарал од Драги да остане на службена должност.

Во соопштението не се наведува што ќе прави сега Матарела. Политички извори претходно оваа недела рекоа дека тој најверојатно ќе го распушти парламентот и ќе распише предвремени избори во октомври.

Матарела планира попладнево да се сретне со претседателите на двата дома на парламентот.

Политичката криза ги прекина месеците стабилност во Италија, за време на кои почитуваниот поранешен централен банкар Драги помогна во обликувањето на остриот одговор на Европа на руската инвазија на Украина и ја зајакна позицијата на земјата на финансиските пазари, вели Ројтерс.

Италијанските обврзници и акции нагло се распродадоа во четвртокот токму кога пазарите се подготвуваа за првото зголемување на каматните стапки од Европската централна банка од 2011 година.

Драги веќе ја поднесе својата оставка минатата недела, откако еден од неговите партнери, популистичкото Движење 5 ѕвезди, не го поддржа во гласањето за доверба за мерките за справување со високите трошоци за живот.

Матарела ја отфрли оставката и му рече да излезе пред парламентот за да види дали може да ја одржи широката коалиција до почетокот на 2023 година.

Во говорот пред сенатот, Драги упати молба за единство и изложи низа проблеми со кои се соочува Италија, почнувајќи од војната во Украина до социјалната нееднаквост и зголемувањето на цените.

Но 5 ѕвезди уште еднаш одлучија да не го поддржат, велејќи дека тој не се осврнал на нивните основни грижи.

Дополнително, десничарските партии Форца Италија и Лига одлучија да го избегнат гласањето, велејќи дека сакаат ветување дека Драги е подготвен да формира нова администрација без 5 ѕвезди и со нови политички приоритети.

Анкетите велат дека конзервативниот блок, кој ја вклучува екстремно десничарската партија Браќа на Италија, најверојатно ќе победи на гласањето.