Италија ги затвора фабриките, освен неопходните

15

Италија ја запира „целата производна активност“ во земјата односно ги затвора фабриките до 3 април кои не се е од суштинско значење за да се гарантира обезбедување на основните потреби на населението, најави синоќа половина час пред полноќ премиерот Џузепе Конте во неговото вонредно обраќање.

„Владата донесе одлука да ја затвори целата производна активност која не е строго неопходна, одлучувачка и суштинска за да ни ги гарантира основните добра и услуги“,

рече тој во официјалниот говор, најавувајќи го овој „дополнителен чекор“ во рестриктивни мерки, преземени во обид да се спречи ширењето на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Италијанскиот премиер додаде дека аптеките, супермаркетите и продавниците за храна, поштите, банките и другите финансиски и осигурителни услуги, како и транспортот ќе продолжат да работат.

„Го забавуваме моторот за производство во земјата, но не го запираме“, рече тој.
Според Конте, ова е најсериозната криза со која се соочува Италија по Втората светска војна.

„За преземените мерки треба време пред да дадат резултати. Ние мора да продолжиме да ги следиме сите овие правила со трпеливост и самодоверба. Тие се тешки, сурови, знам. Но, ние немаме алтернатива. Мораме да се спротивставиме, ова е единствениот начин да се заштитиме себеси и оние што ги сакаме“, рече шефот на италијанската Влада.
Ваквата одлука на италијанската влада следува откако два дена по ред се рушат црни рекорди во земјата според бројот на починати од коронавирус.

Прво во петокот Италија забележа рекордни 627 мртви во еден ден, за веќе вчера да ја надмине и таа бројка, па црната статистика од вчера покажа дека за 24 часа починале 793 лица.

Италија ја надмина и Кина по бројот на починати лица од новиот коронавирус.

Бројката на мртви во Италија е околу 5 000 додека во Кина, која веќе излегува од кризата со вирусот, починаа вкупно 3 248.